Протестот на движењето Самоопределување во Тирана против присуството на српскиот претседател Александар Вучиќ ескалираше во судири со полицијата.
На протестот демонстрантите носат знамиња на терористичката Ослободителна војска на Косово. Протестот, инаку, како што објави Приштина Коха, не е одобрен.
Меѓутоа, движењето на Аљбин Курти не се откажа од демонстрациите против доаѓањето на претседателот на Србија, како и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, кои вечерва пристигнуваат во главниот град на Албанија, на самитот Процес Брдо-Бриони.
На снимката на Косова прес од Приштина се гледаат демонстранти што носат транспаренти дека Вучиќ и Додик се непожелни.
Претставникот на движењето Самоопределување (Ветевендосје) Бојкен Абази на почетокот на протестот рече дека Вучиќ и Додик се двајца политичари што не ја признаваат независноста на Косово, додавајќи дека ова е првпат Додик, кој, како што рече Абази, е непожелен во САД, да доаѓа во Тирана, пренесе РТВ 21.
Демонстрациите се организирани на главната градска улица, Булевар на мачениците на нацијата, во близина на плоштадот Скендербег и седиштето на претседателот на Албанија и канцеларијата на премиерот.
Самоопределување соопшти дека организира активности за на „мирен и симболичен начин да го искажат своето противење на посетата на Вучиќ и Додик“.
Тие, исто така, ги повикаа медиумите да го следат настанот.
Во Тирана вечерва и утре се одржува самитот Брдо-Бриони, на кој, меѓу другите регионални лидери, учествуваат и Вучиќ и Додик, како и претставници на ЕУ и на Полска.