Регион 23. јануари 2020. / 21:04

Гренел: Србија да ја запре кампањата за повлекување на признавањата на Косово

Гренел: Србија да ја запре кампањата за повлекување на признавањата на Косово

Специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија и амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, побара од Србија да ја запре кампањата за повлекување на признанијата на косовската независност.

Гренел допатува во Приштина на средби со челниците на партиите победнички на октомвриските парламентарни избори во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).

Пораката до Белград Гренел ја упати по средбата со лидерот на ЛДК Иса Мустафа, а истата ја повтори и по посетата на ВВ, каде што се сретна со лидерот на таа партија, Албин Курти, кој во понеделникот го доби мандатот за состав на новата косовска влада.

– Ја пренесов истата порака дека ние во Америка не сме заинтересирани да бидеме вклучени во тоа како да се формира владата, туку она за што сме навистина заинтересирани е економскиот развој. Ја споделив мојата визија за брзо постигнување на целта, при што ќе ја укинеме таксата и Србија ќе ја запре кампањата за повлекување на признавањата на Косово. Мислам дека ове се двата идни чекори, порача американскиот дипломат.

Претходно, по средба со косовскиот претседател Хашим Тачи, Гренел ја нагласи потребата од укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, која пред нешто повеќе од една година ја воведе премиерот, сега во оставка, Рамуш Харадинај.

По Приштина Гренел ќе го посети Белград, каде што ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.