Грција воведува нов систем со кој преку смс порака на мобилните телефони или преку мејл, секој осигуреник во земјата ќе може да ги добива рецептите од лекарите.
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, рече дека системот има тројна корист. За осигурениците, особено за хронично болните, нема да биде потребно да го посетат нивниот лекар, туку препишувањето на лековите ќе оди електронски.
Лекарите, од друга страна ќе бидат ослободени од формалните процедури што одземаат многу време, овозможувајќи им да се фокусираат на случаи за кои е потребна итна нега, особено кога се борат со коронавирусот.
А државата ќе има можност да ги следи фармацевтските трошоци и евентуалните нарушувања, доколку постојат.
Граѓаните, за електронски да добијат рецепта, ќе треба да се регистрираат на специјално изработен сајт, а откако ќе ги пополнат потребните податоци, на нивниот мобилен телефон преку смс или преку мејл, ќе добијат баркод, кој ќе го употребат за од аптека да го земат лекот.
Според официјалните информации, во 2019 година во Грција регистрирани се 5,26 милиони посети на осигурениците на некој од лекарите (околу 40 илјади) што издаваат рецепти.
Секоја година во Грција се издаваат околу 75 милиони рецепти.