Грција ќе ги прошири ограничувањата на популарната туристичка дестинација на островот Миконос и крајбрежниот регион Халкидики на северот на земјата со цел да го спречи ширењето на коронавирусот, објавија денеска властите за цивилна заштита, јави Ројтерс.
Целосно се забрануваат забави, на сите јавни и приватни собири ќе можат да присуствуваат најмногу девет лица, а носењето маски е задолжително и во затворени и отворени простори.
Најмногу четири лица можат да седнат на иста маса во рестораните, но ако се блиски роднини може да има шестмина.
Ограничувањата ќе бидат на сила од 21-31 август.
Грција во вторникот забележа рекордни 269 нови случаи од појавата на коронавирусот во земјата на 26 февруари.
Владата во борбата против порастот на заразата ги ограничува јавните собири, ги затвора баровите и рестораните на полноќ и ги повикува младите да носат маски кога ќе се вратат од одмор.
Заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардалис им рече на новинарите дека Грција и покрај растот на инфекциите, сепак е во „подобра состојба“ од другите европски земји.
Тој рече дека Грција е на 180 место во однос на бројот на смртни случаи на милиони жители и дека 83 проценти од неодамнешните инфекции се резултат на непочитување на социјалната оддалеченост.
На Миконос, остров кој никогаш не спие, големите забави на плажите во екот на летната сезона ги принудија властите на рестрикции.
Грција според податоците од вторникот регистрираше вкупно 7.472 зарази со коронавирус и 232 смртни случаи.