Регион 11. мај 2020. / 20:00

Грција работи на план за постепено рестартирање на домашниот и странскиот туризам

Грција работи на план за постепено рестартирање на домашниот и странскиот туризам

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на редовен брифинг со новинарите информира дека Владата работи на план за постепено рестартирање на домашниот и странскиот туризам и го очекува официјалниот предлог на Европската комисија за да постои заеднички унифициран пристап во прашањето со транспортот.

Пецас појасни дека грчкиот план ќе биде соопштен кога ќе се финализираат разговорите на европско ниво.

За да стигнеме до кохерентен план што ќе ги вклучува не само прашањата на домашниот туризам, туку и на странскиот туризам, кои во голема мерка зависат од напредокот на разговорите на европско ниво за авиопревозниците, сѐ уште е релативно рано. Кога ќе го финализираме ова планирање, во координација и со завршувањето на разговорите на европско ниво, тогаш ќе го соопштиме кохерентниот план – изјави портпаролот на грчката Влада.

Во однос на втората фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки, што започна денеска, Пецас изрази надеж дека и во вториот чекор кон новата нормала ќе преовладуваат индивидуалната одговорност и колективната зрелост.

Од сите нас потребно е строго придржување кон правилата за хигиената, за растојанието и за избегнувањето гужви. Оние кои ги игнорираат и уште полошо, оние кои повикуваат на организирани собири, се ставаат самите себе во опасност, ги ставаат во опасност нивните семејства, општеството во целина. Грубо го навредуваат мнозинството Грци, кои покажуваат примерна дисциплина, индивидуална одговорност и колективна зрелост – изјави Пецас.