Грчката влада објави дека продолжува со строгите ограничувачки мерки, вклучително и затворање на училиштата, до 7 јануари.
-Подобрувањето на епидемиолошките податоци и намалувањето на притисокот на заразата се бавни, многу побавно отколку што се очекуваше, рече владиниот портпарол Стелиос Пецас.
Тој истакна дека училиштата, терените, рестораните, спортските сали и ски-центрите остануваат затворени до 7-ми јануари.
-Забраната за движење надвор од општината на живеење исто така ќе биде продолжена и патниците кои влегуваат во земјата мора да бидат предмет на десетдневен карантин, додаде Пецас.
Продавниците денеска се отворени, прв исклучок од строгиот карантин воведен на 7 ноември, со полициски час и забрана за собирање.
Премиерот Киријакос Мицотакис објави дека на Божиќниот собир ќе можат да се сретнат најмногу девет лица.
-Бројот на хоспитализирани е сè уште голем. И притисокот врз болниците е голем, поради големиот број на интубирани лица и зафатените кревети на интензивна нега, прецизира Пецас.
Тие исто така, се надеваат дека вакцинацијата на населението ќе ја започнат во јануари.
-Ако сè оди добро, вакцинацијата на населението ќе започне на почетокот на јануари, заклучи Мицотакис.