Регион

Грција под истрага од ЕУ за злоупотреба на пари од евро-фондовите

Грција под истрага од ЕУ за злоупотреба на пари од евро-фондовите

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) почна истрага во Грција за евентуална злоупотреба на средства од фондовите на Европската Унија наменети за бегалците.

Грчките медиуми јавуваат дека истрагата за наводните нерегуларности се однесува на доставување на храна за бегалците во Грција и почнала по информација која на ОЛАФ во 2017 година и ја открил претставник на Генералната дирекција за миграција и внатрешни работи на Европската комисија.

Претставници на европската служба објаснија дека наводната злоупотреба во моментот се истражува, што не значи дека има вмешани лица кои направиле измами.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, извори во ОЛАФ засега не соопштуваат дополнителни информации за истрагата, но потврдија дека случајот се разгледува.

Најавите за отпочнување на истрагата следуваат откако грчкиот весник „Филелефтерос“ минатата недела објави наводи за злоупотреба на средства од европските фондови за миграција во Грција.

Меѓутоа изворите во ОЛАФ тврдат дека истрагата не е отворена врз основа на новинарската статија, туку се базира на информации добиени од Европската комисија.

Минатата година невладината организација „Солидарност сега“ побара од Европскиот парламент да спроведе истрага за можна злоупотреба со средства наменети за помагање на бегалците во Грција. Организацијата постојано ги истакнува лошите услови за живот на бегалците во Грција и фактот дека земјата добила значителни средства од Брисел за подобрување на состојбата на бегалците.
Во врска со објавувањето на наводите за малверзации со европските средства, тројца новинари на „Филелефтерос“ беа уапсени во саботата и обвинети за клевета по пријава на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој, според тврдењата на весникот, индиректно е инволвиран во злоупотребата на фондовите.
Повеќе институции, партии и организации во ЕУ реагираа на апсењето на тројцата грчки новинари и потсетија дека слободата на медиумите е основен столб на европските вредности.