Регион 09. јуни 2020. / 19:15

Грција планира да тестира туристи по случаен избор

Грција планира да тестира туристи по случаен избор

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, објаснувајќи го планот за заштита на туризмот од можни „увезени случаи“ соопшти дека Владините активности за туризмот не се менуваат.

Според Пецас, тоа значи дека веројатно во четврток, Министерството за здравство и Генералниот секретаријат за цивилна заштита ќе излезат со соопштенија за тестовите за Ковид-19 – колку, кога, каде, како ќе се прават, како и за зајакнување на здравствените структури во земјата.

Како што е официјално соопштено, во Грција тестот за туристите нема да биде задолжителен, туку ќе се прават тестови по случаен избор.

Откако вчера во Грција беа објавени 97 нови случаи на Ковид-19, бројка што се однесуваа на четири дена, Пецас изјави дека всушност тоа се случаи концентрирани во регионот на градот Ксанти, како и 30 случаи кај патници кои од странство пристигнале во земјата. За нив, Пецас информира дека поголемиот дел биле Грци кои се вратиле во земјата и кои не се поврзани со евентуален туристички бран.

Портпаролот на грчката Влада објасни дека земјата останува на планот за постепено отворање на границите, почнувајќи од 15 јуни.

Сега се подготвуваме за следниот голем чекор што е отворање на сезонските објекти и портите на земјата за нејзините посетители. Од 15 јуни ќе ги пречекаме туристите од аеродромите што се на листата на Европската организација за безбедност во воздухопловството и се со низок епидемилошки товар. Истиот ден, освен на аеродромот во Атина, одново почнуваат летови и кон аеродромот во Солун, додека пак на 1 јули се отвораат сите аеродроми во нашата земја – изјави Пецас.

Истовремено, Пецас повтори дека безбедноста на сите, туристичките работници, посетителите и локалното население во туристичките дестинации, претставува основен владин приоритет.

Сепак, Пецас истакна дека ова лето нема да биде исто како ланското и дека земјата има да направи уште чекори на патот кон враќање во нормалноста.

Да не се опуштиме, бидејќи ако се опуштиме, ќе го платиме тоа. Еден месец по карантинот, епидемиолшката слика на земјата останува добра. Но, тоа не не успкојува. Не завршивме со корона вирусот. Нашето внимание, со ист интензитет го насочуваме како кон внатрешноста, така и кон надвор – истакна Пецас.