Доколку договорот е веќе ратификуван од Парламентот, просторот за маневри што ќе го имаме ќе биде многу мал, вели претседателот на Нова демократија во однос на тоа што би направил доколку како идна влада, договорот со Македонија е веќе ратификуван од Парламентот.
Кирјакос Мицотакис, во интервју за грчката телевизија „Скај“, уште еднаш го повтори ставот на партијата дека нема да ја поддржат ратификацијата на договорот и ќе гласа против.
– Нашиот главен приговор за договорот е фактот што господинот Ципрас отстапи нешто за што ниту една претходна влада не сакаше да разговара, за јазикот и за националноста. Односно за суштината на иредентизмот- вели Мицотакис.
На прашањето дали доколку договорот ги содржеше термините „Северномакедонци и „северномакедонски јазик“, ќе беше прифатлив за Нова демократија, Мицотакис вели дека „тоа сигурно ќе беше чекор во правилна насока“.