Регион 28. декември 2019. / 23:45

Грција ќе потроши 1,5 милијарди долари за модернизација на 84 авиони Ф-16

Грција ќе потроши 1,5 милијарди долари за модернизација на 84 авиони Ф-16

Грција потпишала договор со американскиот произведувач на оружје Локид Мартин за да ја модернизира флотата борбени авиони Ф-16 во следните седум години.

Грчкиот министер за одбрана, Никос Панајотопулос, претходно месецов во грчкото собрание обелодени дека 84 авиони Ф-16 ќе бидат модернизирани до 2027 година со вградување на опрема од напредната технологија „Вајпер“, во рамки на програмата проценета на 1,5 милијарди долари. Тој соопшти дека темпото на модернизацијата ќе зависи од тоа колку авиони се потребни за редовна активна служба.

Американскиот Стејт департмент во 2017 година го одобри тогаш потенцијалниот договор, кажувајќи дека американската цел е „помош во подобрувањето на безбедноста на НАТО сојузникот (Грција) кој е важен партнер за политичката стабилност и економскиот напредок во Европа“.

Грција со години ги кратеше средствата за одбрана поради финансиската криза, главно поради условите за трите меѓународни пакети помош од 2010 до 2018 за како членка на еврозоната да се спаси од банкрот и исфрлање.

Во изминатите години ги прошири воените врски со Соединетите Држави, стравувајќи од военото јакнење на Турција. Спорот на тие два соседи околу воздушниот простор и поморската граница, како и за правата за дупчење нафта и гас во источниот Медитеран, и понатаму не се решени.

Тензиите ескалираа во изминатите месеци откако Турција испрати истражувачки бродови покрај северниот брег на поделениот Кипар и постигна пакт со Либија за поделба на морето кој се смета за предизвик за слични договори со Грција, Израел, Кипар и Египет.

За време на посетата на Атина во октомври, американскиот државен секретар Мајк Помпео го потпиша ревидираниот договор за воена соработка на САД со Грција, проширувајќи ги воените активности на САД на три бази во Грција и зголемувајќи ги активностите во американската поморска база во Заливот Суда на островот Крит. Тој договор неделава беше поднесен во грчкиот парламент на ратификација.

Висок американски функционер во октомври тврдеше дека јакнењето на воените врски со Грција не е поврзано со тензиите со Турција. Анонимниот функционер кажа дека „во интерес на националната безбедност на Соединетите Држави е Турција да остане вкотвена крај Западот“ и дека „веруваме дека Грција го има истиот интерес“.