Регион 24. ноември 2020. / 11:44

Грција ќе го продолжи карантинот: Мерките не даваат резултати

Грција ќе го продолжи карантинот: Мерките не даваат резултати

Сценариото за укинување на карантинот и олабавување на рестриктивните мерки во Грција на 1 декември, се чини дека сѐ повеќе се оддалечува, а поверојатно е дека забраната за движење ќе биде дополнително продолжена и по 30 ноември, наведе министерот за здравство и владиниот портпарол.

Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, рече дека е неосновано „да говориме за укинување на локдаунот на крајот од месецот“.

Врз основа на епидемиолошките податоци, притисокот врз здравствениот систем, но и ширењето на вирусот, очигледно е дека не може мерките да се укинат на крајот на месецов, рече Кикиљас.

Тој објасни дека клучните фактори за „постепено, чекор по чекор, враќање во делумна нормалност“ се намалување на новите случаи и намалување на притисокот врз здравствениот систем.

И портпаролот на Владата Стелиос Пецас, утрово за ТВ „Антена“ истакна дека не е реална веројатноста да се укине карантинот на 1 декември, бидејќи епидемиолошките податоци и понатаму се високи.

Пецас уште еднаш повтори дека олабавувањето на мерките ќе биде постепено, прво со отворање на училиштата, потоа со продавниците, а на крај угостителските објекти и истакна дека враќањето во нормала ќе биде внимателно, но и дека ќе продолжат да важат одредени ограничувања.

Тој објасни дека за божиќните празници на крајот од декември, тешко ќе биде да се дозволи патување од периферија во периферија, додека пак правила и ограничувања ќе има во работата на кафулињата и угостителските објекти, без да бидат дозволени забави, а ноќните клубови ќе останат затворени.

Според грчките епидемиолози, продолжувањето може да биде за една или две седмици, додека пак медиумите во Грција објавуваат дека не е исклучена можноста, кон крајот на неделава, премиерот Кирјакос Мицотакис, преку нова телевизиска порака до граѓаните, да соопшти дека ќе биде продолжен карантинот.

Грција од 7 ноември влезе во 23-дневен карантин, што тогаш беше најавено дека ќе трае до 30 ноември.

Една седмица по карантинот, односно од 13 ноември беше воведен и полициски час од 21 до 5 часот наутро.

И покрај мерките, засега, нема големо намалување на новите случаи на Ковид-19, а драстично е зголемен бројот на починати лица и пациенти приклучени на апарати.

Како што велат надлежните епидемиолози, но и портпарилот на грчката Влада, следните денови ќе бидат клучни за носење одлука за рестриктивните мерки.

Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани 93.006 позитивни случаи на Ковид-19, а починаа 1.714 лица.