Регион 21. јануари 2020. / 12:40

Грција ќе ги враќа талентираните млади со плата од 3.000 евра

Грција ќе ги враќа талентираните млади со плата од 3.000 евра

Грчките власти започнаа кампања за враќање на младите и талентирани луѓе, кои ја напуштиле татковината за време на финансиската криза, пишува Politico.

За да ги охрабри за да се вратат во Грција, властите објавија акција за субвенции насловена како „Да ги вратиме мозоците“. Со неа се предвидува на 500 најумни и најуспешни емигранти, доколку се вклучат во проектот, бруто плата од 3.000 евра, а Министерството за труд ќе покрива 70% од трошоците.

-Ова е прв обид на грчката држава да создаде услови за постепено враќање, изјави Константинос Аграпидас, раководител на програмата во Министерството за труд.

Проектот го подготви претходната влада на левицата и претставува начин за почнување обратна тенденција од одливот на мозоци.

Според податоците, за време на финансиската криза Грција ја напуштиле околу 500.000 луѓе, а безработицата достигна рекордно ниво од 28%. На одливот на мозоци се надоврзува и најголемата опасност за грчката економија-тешката демографска ситуација. Се очекува до 2050 година населението во државата да се намали за 800.000 до 2,5 милиони луѓе.