Регион 18. декември 2020. / 12:59

Грција ќе ги добие првите вакцини на 26 декември

Грција ќе ги добие првите вакцини на 26 декември

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека првите вакцини против Ковид-19 во земјата ќе пристигнат на 26 декември, а следниот ден ќе почне вакцинацијата.

Оценуваме дека првите пратки од вакцината во нашата земја ќе стигнат на 26 декември и од следниот ден, од 27 декември дека ќе може да почнеме со првите вакцинации во пет болници во Атина, а веднаш потоа и во Солун, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од работниот состанок за националниот план за вакцинација и откри дека први ќе се вакцинираат една медицинска сестра и еден повозрасен граѓанин.

Мицотакис објасни дека согласно препораките од Националната комисија за вакцинација, ќе има строг приоритет во однос на тоа кои граѓани ќе бидат вакцинирани први.

Здравствените работници се први на листата, заедно со лицата згрижени во Домовите за стари лица, потоа ќе следат граѓаните над 65 години, кои според Мицотакис се околу 2,4 милиони.

Грчкиот премиер повтори дека лидерите на политичките партии и политичарите ќе бидат меѓу првите кои ќе се вакцинираат „за на тој начин да ја покажат доверба во науката“, но и истакна дека со почетокот на вакцинацијата, нема да заврши пандемијата и уште еднаш упати апел до граѓаните, особено за празниците, да бидат двојно повнимателни и да ги почитуваат мерките.