Регион 03. февруари 2020. / 13:36

Грција има за цел секоја недела да враќа мигранти во Турција

Грција има за цел секоја недела да враќа мигранти во Турција

Грчката влада има за цел да воспостави неделни враќања во Турција за сите мигранти кои немаат право на азил во Грција.

Министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис, во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, говори за владината политика за справување со мигрантското прашање.

– Акцентот го ставаме на зголемувањето на враќањата, во втората половина на јануари веќе беа организирани три враќање на мигрантите во Турција. Целта е да се воспостават седмични враќања и се разбира, да се зголеми бројот на оние кои што се враќаат. Паралелно ќе го потенцираме директното враќање во земјите на потекло, во соработка со ЕУ и меѓународни организации – вели Митаракис.

Тој објаснува дека основната цел е Грција да не е главната рута за криумчарите.

– За ова е потребно чување на границите и враќање на оние кои немаат право на меѓународна заштита. И за двете, потребна е европска помош – објаснува министерот за миграција и азил на Грција.