Регион 11. ноември 2019. / 14:05

Грција и Кина ги продлабочуваат билатералните односи со 16 договори за соработка

Грција и Кина ги продлабочуваат билатералните односи со 16 договори за соработка

Грција и Кина потпишаа 16 договори за соработка во различни области во рамки на разговорите за проширување и продлабочувањето на билатералните односи што во Атина ги имаа грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис и претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг.

Мицотакис на почетокот на средбата на грчката и кинеската делегација изјави дека неговата посета на Шангај и посетата на Џинпинг во Атина, означуваат нова ера во односите меѓу Грција и Кина.  Кинескиот претседател, пак, се осврна и на за два и пол пати зголемениот обем на размена меѓу двете земји и истакна дека 16 билатерални договори ќе ја зајакнат соработката и ќе дадат дополнителен импулс во економските односи.

На прес конференцијата по средбата, Мицотакис изјави дека сега, кога Грција одново презема главна улога, не само во регионот, туку и во Европа, ќе ги прошират заедничките цели со Кина.

– Во Атина се потврдува она што беше констатирано пред неколку дена во Шангај, дека односите меѓу нашите две земји се потопли од било кога до сега. Нашата доверба е факт, а нашата соработка е отворена за многу нови, продуктивни хоризонти – изјави Мицотакис и додаде дека повторно ќе ја посети Кина во април следната година за да учествува на иницијативата „17+1“.

Си Џинпинг истакна дека и двете страни сметаат дека Кина и Грција се природни партнери за формирање „еден појас, еден пат“, а паралелно изрази убеденост дека Кина и Грција ќе продолжат со меѓусебното разбирање и соработка за националниот и инвестицискиот интерес на двете земји.

И Кина и Грција се наоѓаат во важна фаза на реформи и развој. Двете земји посакуваат да се изградат во просперитетни и силни земји, а нашите народи бараат потесна и пријателска соработка што ќе биде ефективна, но исто така и со заемна корист – изјави кинескиот претседател и додаде дека во изминатите години Грците покажале голема издржливост и напорно работеле за да ја вратат нивната самодобверба и економскиот развој.

На крајот од средбата во премиерска палата, во присуство на Кирјакос Мицотакис и Си Џинпинг, надлежните министри и функционери ги разменија потпишаните договори и меморандуми за соработка и разбирање.

Поконкретно, Грција и Кина потпишаа договор за екстрадиција на лица по кои е потпишана потерница; Меморандум за разбирање за промоција на инвестициската соработка; листа на основни проекти во рамките на соработката 2020, односно нови инвестициски планови; Протоколи за извоз на шафран и актинидии од Грција во Кина; Меморандум за соработка во областа на радијата, телевизиите и аудио визуелните услуги; Меморандум за разбирање за соработка во спортот, поконкретно за лицата со инвадилитет; Меморандум за соработка меѓу воздухопловните власти; Договор за основање Центар за кинески студии во Грција; Меморандум за разбирање за успешна имплементација на мстер планот на „COSCO“ на атинското пристаниште Пиреас, а исто така беше соопштено и основање филијали во Грција на две кинески бакнки, на „Bank of China“ и на „Industrial and Commercial Bank of China“.

Во попладневните часови, Мицотакис и Си ќе ги посетат централните канцеларии на „COSCO“ на атинското пристаниште.

Си Џинпинг положи и цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, а пречек му приредија и негови сограѓани кои со кинески знаменца се собраа во центарот на Атина.

Кинескиот претседтаел претходно беше примен и од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, на која присуствуваа и делегациите од двете земји.

Претседателот на Народна Република Кина, синоќа пристигна во Атина, а заминува утре откако претходно заедно со Павлопулос ќе го посетат музејот на Акропол.