Регион 28. февруари 2020. / 14:07

Грција затвори граничен премин со Турција, по заканите дека ќе ги пушта бегалците

Грција затвори граничен премин со Турција, по заканите дека ќе ги пушта бегалците

Поради насобраните бегалци и мигранти на турска страна, со намера да влезат на грчка територија, Грција претпладнево го затвори граничниот премин „Кастањес“ со Турција кај Еврос, пренесе МИА повикувајќи се на вест на грчката новинска агенција АНА-МПА.

Според истите информации, затворена е царинската служба и не се пропуштаат граѓани, а грчката страна уште од рано утрово е под силно полициско обезбедување.

Грчките медиуми пишуваат дека ситуацијата на граничниот премин е мирна.

Претходно, извор од турската влада изјави дека Турција веќе нема да ги задржува бегалците кои сакаат од Турција да одат во земјите од ЕУ. Се проценува дека во Турција има околу четири милиони бегалци од војната во Сирија.

Заканата од Турција доаѓа по вчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници. На барање на Турција денеска ќе се одржи и вонреден состанок на Северноатлантскиот совет.

Во реакцијата од Европската комисија се вели дека Турција официјално не објавила промена на својата политика кон бегалците.

„Би сакал да истакнам дека немаше официјално соопштение од турската страна за какви било промени за барателите на азил, бегалците и мигрантската политика“, истакна портпаролот на ЕУ.

ЕК очекува Анкара да ги почитува обврските што ги презема за контрола на протокот на мигранти во Европска Унија. Турција се обврза да стави крај на нередовните миграциски текови од Турција кон ЕУ и да обезбеди подобри услови за прием за бегалците во Турција.