Министерот за здравство на Грција во средата го презентираше националниот план за вакцинација на населението за Ковид-19.
Во однос на процесот на вакцинација, според презентираниот план, Грција ќе добие од вакцините за кои Европската унија преговара со шест фармацевтски компании, од кои со четири има веќе потпишан договор.
Кога вакцините ќе пристигнат во Грција, ќе се распределат во 1.018 центри за вакцинирање, каде што месечно ќе може да се вакцинираат 2.117.440 граѓани.
Приоритет ќе имаат здравствените работници, потоа ранливите категории, а на крај останатите граѓани.
Планирано е вакцинирање и во домовите за стари лица, во затворите, но и вакцинирање на бегалците и мигрантите сместени во прифатните центри и камповите во Грција.
Вакцината ќе биде бесплатна, а процедурата за граѓаните ќе биде со претходно закажан термин.
Од почетокот на епидемијата, од Ковид-19 во Грција починаа 1.288 лица, а регистрирани се вкупно 82.034 случаи.