Регион 02. април 2020. / 09:02

Грција го потврди првиот случај на корона вирус во камп за мигранти

Грција го потврди првиот случај на корона вирус во камп за мигранти

Бегалскиот камп „Рицона“ во близина на грчкиот остров Евиа од денеска е во 14-дневен карантин, откако беше потврдено дека 20 лица се заразени со Ковид-19, по проверката на контактите на родилката позитивна на коронавирусот.

Од Министерството за миграција и азил на Грција, утрово соопштија дека по наредба на надлежниот министер Нотис Митаракис, а во соработка со заменик-министерот за цивилна заштита и претседателот на Националната здравствена организација, бегалскиот камп во Рицона е во карантин во следните 14 дена.

-Оваа одлука е донесена по резултатите од вчерашната проверка на контактите на потврдениот случај на Ковид-19, кај жена која престојува во кампот, а е хоспитализирана по породувањето во атинска болница. При проверка на 63 лица во кампот во Рицона, беше констатирано дека 20 од нив се позитивни на Ковид-19, соопштуваат од Министерството за миграција и азил на Грција и додаваат дека никој од овие 20 лица немал симптоми, а проверката на контактите ќе продолжи и во текот на денешниот ден

Во вторникот беше потврдено дека жена – барателка на азил, која престојува во организираниот бегалски камп „Рицона“е заразена со коронавирусот, а била тестирана веднаш откако се породила во атинска државна болница.