Регион 07. јули 2018. / 19:59

Грција го одложи потпишувањето на спогодбата со Албанија, поради договорот со Македонија

Грција го одложи потпишувањето на спогодбата со Албанија, поради договорот со Македонија

Официјална Атина го одложи потпишувањето на спогодбата со Албанија поради силните реакции во Грција поради договорот со Македонија околу името, објави грчкиот дневен весник „Катимерини“. Притоа се наведува дека ова е одлука на владата на премиерот Алексис Ципрас која оценува дека потпишувањето на спогодбата со Албанија ќе ги зголеми уште повеќе тензиите во Грција.

Од Владата не кажуваат кога ќе биде потпишана спогодбата помеѓу Грција и Албанија. Весникот пишува дека опозицијата во Грција е и против потпишувањето на спогодба со Албанија бидејќи текстот кој е дефиниран од страна на министрите за надворешни работи на Грција и Албанија Коѕијас и Бушати нанесува штета на Грција.

И опозицијата во Албанија оценува дека текстот на спогодбата кој сега е договорен нанесува голема штета на Албанија бидејќи, како што се наведува, воопшто не го решава проблемот со Чамите и воедно Албанија губи морска територија.