Само од шест гранични премин, од денеска е дозволен влез и излез од Грција за грчките државјани и оние кои имаат дозвола за престој, додека пак Промахонас (Кулата) на границата со Бугарија и понатаму останува единствената влезна точка на копнените граници за туристите од земјите што се наоѓаат на листата одобрена од јужниот сосед.
Поради зголемениот број поминувања кон соседните земји, но и поради зголемениот број позитивни случаи на Ковид-19 од граничните премини, грчката Влада, со одлука на премиерот Кирјакос Мицоакис, а по препорака на надлежните, одлучи да ги заостри мерките на копнените граници и да остави отворени по два премини кон Албанија и Бугарија и по еден кон Македонија и Турција.
-Освен она што веќе е одлучено и е во сила за влез од Промахонас, од вторник кон среда 22 јули на полноќ, до 4 август, влезот на грчка територија за есенцијални поминувања дозволено е само од граничните премии Какавиас, Кристалопигис, Евзони, Промахонас, Нимфеас и Кипи, рече во понеделникот портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас и додаде дека и грчките граѓани и оние кои имаат дозвола за престој исто како и туристите се обврзани да го пополнат специјалниот образец Passenger Locator Form (PLF).
Во однос на сезонските земјоделски работници, кои најчесто доаѓаат од Албанија, во случај да излезат од Грција пред 4 август, нема да имаат право повторно да влезат во земјата.
Копнените граници за македонските, турските и албанските државјани, остануваат затворени до 31 јули 2020 година, согласно министерската одлука со која е продолжена забраната за авионско, железничко и копнено поврзување со Македонија, Албанија и Турција.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на вчерашната прес конференција ги соопшти статистичките податоци за периодот 1 – 19 јули, односно од отворањето на границите, кога во земјата влегле 918.032 лица, биле направени 127.900 тестови и откриени 295 позитивни случаи, од кои 186 се од копнените граници .
-Во однос на потеклото на случаите, први пет земји со најмногу случаи беа Србија со 78 случаи, Бугарија со 63, Романија со 61, Албанија со 23 и Соединетите Американски држави со шест. Карактеристично е што 225 од 295, односно 76,27 отсто беа од четирите пријателски соседни балкански земји, објасни заменик-министерот за цивилна заштита на Грција.