Регион 15. јуни 2020. / 11:16

Грција ги отвори атинскиот и солунскиот аеродром за туристи, границата со Македонија се отвора на 1 јули

Грција ги отвори атинскиот и солунскиот аеродром за туристи, границата со Македонија се отвора на 1 јули

Од денеска почнува првата фаза од отворањето на грчкиот туризам, но само за посетители од одредени земји и само преку атинскиот и солунскиот аеродром. Втората фаза треба да почне на 1 јули кога ќе бидат укинати сите забрани и рестрикции и ќе бидат отворени сите аеродроми во Грција, како и дел од копнените граници со Македонија и Албанија.

Паралелно, освен делумното отворање на туризмот, денеска во Грција има и дополнително укинување на рестриктивните мерки и забраните за работа, па така одново почнуваат со работа сезонските туристички објекти, музеите, фитнес центри и спа центрите.

Освен земјите што се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, од денеска, дозволени се и летови од/кон Италија, Шпанија и Холандија, а забраната продолжува да важи за Македонија, Албанија, Турција и Велика Британија.

За периодот меѓу двете фази, односно од денеска до 1 јули, за туристите кои ќе пристигнат во Грција од аеродромите што не се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, предвидени се тестирања по случаен избор, додека пак за патници од Италија, Холандија и Шпанија, тестот е задолжителен.

Работата на атинскиот аеродром, воопшто не беше прекината поради Ковид-19, но сите патници беа тестирани и префрлани во државен карантин. За разлика од него, аеродромот во Солун, денеска повторно е отворен за меѓународен сообраќај по тримесечна пауза.

Во текот на денешниот ден, планирано е во Атина да пристигнат патници од Кипар, Холандија, Франција, Катар, Италија, Австрија, Швајцарија, Германија, Унгарија, Србија, Бугарија, додека пак во Солун од Германија и Кипар.

На аеродромите и во авионите задолжена е употребата на маска, како за туристите, така и за персоналот.

Од 1 јули, ќе бидат отворени аеродромите во цела Грција, ќе се отворат седум гранични премини, а од бродовите што доаѓаат на крстарење, дозволен ќе биде влез на туристи од шест грчки пристаништа.

Тогаш сите туристи, ќе треба да имаат пополнет формулар (Passenger Load factor) со податоци за нивните контакти во Грција, ќе се спроведуваат тестови по случаен избор, а евентуалните позитивни случаи ќе бидат 14 дена во карантин и сместени во хотел-карантин.

Македонските туристи од 1 јули ќе може во Грција, но само преку преминот Евзони (Богородица)

Во следните две седмици, заклучно со 30 јуни, ќе бидат дозволени летови и од Македонија и Албанија, но само за конкретни цели, а не и за туристи и само кон атинскиот аеродром.

На аеродромот во Солун не се дозволени летови ниту од нашата земја, ниту од Албанија.

Доколку се биде во ред, копнените граници со Македонија и Албанија, Грција ќе ги отвори на 1 јули, а не денеска, како што првично беше најавено, додека пак ќе функционираат само неколку гранични премини, од кои само Евзони (Богородица) кон нашата земја.

Во периодот до 30 јуни 2020 година, по копнен пат дозволени се само апсолутно неопходните службени патувања, а отворена е границата со Бугарија.