Регион 28. април 2020. / 12:26

Грција бара заедничка европска стратегија за рестартирање на туризмот

Грција бара заедничка европска стратегија за рестартирање на туризмот

Министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, за време на видеосостанок со неговите колеги од ЕУ ја истакнал потребата за одредување и спроведување заедничка европска стратегија за заживување и рестартирање на туристичката индустрија, како и на потребата за заеднички правила за одново почнување на воздушниот, морскиот и патниот транспорт за обезбедување безбедно и непречено движење на патниците од ЕУ.

Како што соопштија од Министерството за туризам на Грција, Теохарис ја споменал и потребата за формирање заеднички протоколи за аеродромите, хотелите, јавниот превоз, угостителството и слично како и формирање Фонд за закрепнување за туризмот на европско ниво.

Во однос на туристичката сезона во Грција, засега не постојат конкретни информации, кога точно би почнала.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите презентирајќи го во кратки црти и генерално владиниот план за постепено враќање на земјата во нормала, соопшти дека во некој момент ќе се отворат и хотелите, најпрво оние кои работата во текот на целата година, а откако ќе се реши прашањето со транспортот ќе се отворат и сезонските туристички објекти од крајот на јуни или почетокот на јули.