Грчкиот портал Грик репортер објави дека грчката заедница во Австралија го осудила претседателот, Прокопис Павлопулос заради прифаќањето на името Република Северна Македонија, кое Атина го договори со Скопје.
Пан-македонското здружение на Мелбурн и Австралија најавиле дека ќе испратат писмо до грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во кое ќе му пишат дека не е добредојден во Австралија.
„Господине Павлопулос, вие сте непожелен, ако го посетите Мелбурн, ние, официјалните претставници на грчката дијаспора нема да ви посакаме добредојде”- пишува во писмото до грчкиот претседател.
Тој треба да ја посети Австралија во октомври годинава.
Писмото е договорено на вонредната средба на раководството на Здружението што се одржа пред два дена и на кое присуствувале 120 членови, кои биле лути за потпишувањето на Договорот за името.