По еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секој училница, поделба на класовите и наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои ќе работат грчките училишта според упатствата во заедничката министерска одлука на надлежните министри и во циркуларот од Министерството за образование на Грција.
Во понеделник започнува наставата за матурантите, додека пак на 18 мај, во училишните клупи се враќаат сите средношколци во Грција. За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, дополнително ќе се разгледа можноста за отворање на 1 јуни, доколку тоа го дозволува текот на епидемијата.
Доколку во класовите има над 15 ученици, тие ќе бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.
Според правилата за начинот на работа, потребно е учениците и професорите да бидат внимателни во излегувањето од училниците, тоа да биде постепено и со ред, да постојат различни делови за секоја група, на одморите да се проветруваат училниците, а забранети се игри со топка (кошарка, фудбал, одбојка и сл) на големите одмори или по часовите.
За часовите по информатика, тастатурата на компјутерите треба да биде покриена со пластична проѕирна фолија, од оние што се користат за храна, а да се менува за секој ученик.