Откако Грција четири дена имаше троцифрен број нови случаи на Ковид-19, Секретаријатот за цивилна заштита, по препорака од Комисијата на епидемиолози, а со одлука на надлежниот министер соопшти нови мерки и продолжување на една од постоечките.
Од среда, за сите оние кои во Грција ќе пристигнат од Малта задолжително е да имаат негативен тест за Ковид-19, направен 72 часа пред патувањето.
Во следниот период се откажуваат сите литии, како и панаѓури.
Забраната за стоење во сите ноќни клубови, барови, кафулиња, клубови со жива музика и слично се продолжува до крајот на месецов.
Од почетокот на епидемијата регистрирани се 5.270 заразени лица, а починаа вкупно 210.
Според грчките медиуми најголемиот број од вчерашните случаи се во 23 регионални единици во Грција. Најголемиот дел – 46 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во чии рамки е и островот Порос каде што од утрово во сила се рестриктивни мерки поради големиот број заразени лица.