Под наслов „Претседателката на Грција од село со Бугари“, бугарскиот весник „24 часа“ пишува дека првата шефица на грчката држава Екатерини Сакеларопулу потекнува од „бугарското гркоманско село Еникој, Ксантиско“, пишува expres.mk.
Бугарското име на Еникој е Крсто Поле, но од 1926 година селото го носи името Ставруполи и сега во него живеат околу 800 луѓе. Родителите на грчката претседателка се родени во Ставруполи. Самата Сакеларопулу, која беше претседателка на Врховниот административен суд на Грција, за свое место на раѓање го наведува Солун“, пишува „24 часа“.
Весникот цитира бугарски писател дека „во Ставруполи многу луѓе зборуваат бугарски, но се кријат. Гркомани се. Селото било населено од Бугари“.
За време на бугарската окупација на регионот во Втората светска војна од 1941 до 1944 година во тогашното Крсто Поле имало концентрационен камп, во кој биле интернирани членови на Бугарската комунистичка партија и други левичарски опоненти на фашистичкиот режим.