Навивачите на фудбалскиот клуб Олимпијакос од Атина ја прославија освоената титула предизвикувајќи метеж со масовно недржење дистанца и непочитување на превентивните мерки за заштита од Ковид-19
Со победата против АЕК, Олимпијакос вчера и официјално стана шампион во Грција, но додека натпреварот се одигруваше без публика, навивачите се собраа пред стадионот и ја славеа титулата.
Прославата продолжи и низ улиците на Пиреас.
Од објавените видеа и фотографии, може да се забележи дека во ниту еден момент никој од присутните не ги почитува мерките за заштита од Ковид-19, а во делот пред стадионот, каде што беше поставен видео бим, славењето почна пред крајот на натпреварот и кулминираше со употреба на пиротехнички материјали.
Идентична беше сликата и низ улиците на Пиреас, каде што фудбалерите од двокатен автобус ги поздравија насобраните навивачи.
Масовно прекршување на мерките за спречување на ширењето на Ковид-19 се забележуваат и во ноќни клубови, кафулиња, бродови, како и на атинскиот аеродром.
Телевизијата „Мега“ објави фотографии од атинскиот аеродром, каде што во делот за чекирање на билетите не се одржува потребното растојание, додека, пак, телевизијата „Скај“, преку фотографија од пристаниште од грчки остров, коментира дека патниците не држеле дистанца при влезот во бродот.
Грчката Влада најави интензивирање на контролите и инспекциите, а од утре попладне заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас повторно ќе одржува прес конференции, овојпат еднаш седмично и во однос на оперативниот дел што се однесува на почитувањето на мерките.