Регион 12. мај 2020. / 13:01

Фирмите во Словенија бараат се помалку работници

Фирмите во Словенија бараат се помалку работници

Дел од агенциите за вработување во Словенија објавија дека поради епидемијата на корона вирусот забележале голем пад во побарувачката на работници и отворени работни места.

Кај некои агенции падот изнесува дури 80 отсто, а велат дека тоа не е забележано никогаш во нивната работа.

Генералниот директор на државниот Завод за вработување, Митја Бобнар, изјави дека од почетокот на епидемијата побарувачката на работници е преполовена.

Последниот период забележуваме благ раст само кај дејноста здравствена и социјална грижа, јавната управа и одбраната – потенцира Бобнар.

Инаку, заводот пред една недела објави дека во април 14.000 лица во земјата останале без работа. Според нивните податоци во април како баратели на работа биле пријавени 88.648 лица, што е за 10.793 или 13.9 отсто повеќе во споредба со март.

На дел од отпуштените не им бил продолжен договорот за работа, дел биле прогласени за технолошки вишок, а останатите добија откази.