Обвинителството на БиХ соопшти дека 100 респиратори од Кина коишто ги набавил кризниот штаб се неупотребливи и нема да може да се користат на одделенија за интензивна нега за тешки пациенти со корона вирус.
Државното обвинителство појасни дека истрагата за спорната набавка на респиратори е отворена на 4 мај, и во нејзини рамки е спроведена стручна експертиза на машините купени во Кина, која покажала дека „тие ги немаат ниту минималните основни карактеристики за правилен третман на пациенти“, вклучително и за оние кои се болни од Ковид-19.
Употребата на овие вентилатори во единиците за интензивна нега не се препорачува – се вели во соопштението, додавајќи дека интензивната истрага продолжува и дека се испитуваат сите околности под кои се набавени респираторите со буџетски средства.
Апаратите ги набавила фирма на извесен Фикрет Хоџиќ кој е познат само по тоа дека е водител на ријалити шоу на локална телевизија. Неговата фирма во моментот на потпишување на договорот немала потребна дозвола за трговија со медицински апарати. За апаратите во директна спогодба се платени 5,3 милиони евра.