Турците денес гласаат на локални избори кои претседателот Реџеп Таип Ердоган ги опиша како прашање за опстанок на земјата.
Ердоган, кој доминира со турската политичка сцена повеќе од 16 години благодарение на силниот економски раст и исклучителната умешност за водење кампањи, стана истовремено и најпопуларниот турски лидер во модерната турска историја и личноста која најмногу ја дели нацијата.
Меѓутоа, тој би можел да го доживее првиот изборен пораз бидејќи анкетите покажуваат дека неговата владејачка партија (АКП) би можела да ја изгуби контролата врз главниот град Анкара, па дури и врз Истанбул, најголемиот турски град.
Речиси 57 милиони луѓе имаат право на глас, а победниците би требало да се знаат околу полноќ.
Поради ослабувањето на економијата погодена од минатогодишната криза на турската лира во која валутата изгуби речиси 30 отсто од својата вредност, некои гласачи би можеле да го казнат Ердоган кој владее сѐ побескомпромисно.
-Целта на сѐ почестите напади врз нашата земја пред изборите е блокирањето на силната Турција- кажа Ердоган на еден од шесте изборни митинзи на кои вчера зборуваше во Истанбул.
Денешните избори на кои Турците гласаат за градоначалници и други локални функционери низ земјата се првите откако Ердоган минатата година си додели огромни претседателски овластувања и ќе биде тест за неговата влада која е под притисок поради економските реформи и човековите права.
Со пораз во Анкара или Истанбул би завршило речиси 25-годишното владеење на АКП под Ердоган или неговите претходници во тие градови и би бил симболичен удар врз турскиот лидер.
Пред изборите, главната опозициска Републиканска народна партија и партијата Ији формираа коалиција за да им се спротивстават на АКП и нивните националистички партнери МХП.
Во деновите пред изборите Ердоган учествуваше на речиси стотина предизборни митинзи низ целата земја, одржувајќи 14 говори во различни квартови на Истанбул за само два дена и четири пати во Анкара за време на кампањата.
Ердоган изборите ги опиша како егзистенцијален избор за Турција, критикувајќи ги своите ривали како терористи кои сакаат да ја урнат Турција. Се закани дека во случај на победа на опозицискиот кандидат во Анкара „граѓаните ќе ја платат цената“.
Неговите ривали ги отфрлија обвинувањата и описот на изборите како прашање за опстанок и токму врз Ердоган ја истурија вината за сегашната состојба во Турција.