Регион 12. март 2020. / 21:58

ЕУ ќе плати по 2.000 евра на секој мигрант што ќе си замине од Грција

ЕУ ќе плати по 2.000 евра на секој мигрант што ќе си замине од Грција

ЕУ ќе им плати по 2.000 евра на мигрантите од пренатрупаните кампови во Грција кои се подготвени да се вратат во своите татковини, пренесува BBC.

Oпцијата е привремена, ќе трае само еден месец и се однесува за мигрантите што дошле во Грција пред 1 јануари, објави комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, во Атина, по договор со грчката влада.

Таа наведе дека речиси 5.000 мигранти ги исполнуваат условите за доброволно враќање.

Стотици мигранти и бегалци пристигнаа на грчките острови од Турција овој месец, преплавувајќи ги веќе преполнетите кампови. Иако тие се направени за околу 6.000 луѓе, сега во нив живеат скоро 42.000 баратели на азил.

-Мажите, жените и децата живеат во тешки услови во овие преполни центри, се во постојан страв и имаат слаб пристап до основните потреби како што се тоалетите, тушевите и електричната енергија, изјави Стефан Обереит, шеф на мисијата на лекари без граници во Грција. Тој додаде дека нивната клиника, лоцирана пред кампот Морија, дневно прима 70 деца со хронични заболувања и немаат услови за нивно лекување.

Јохансон исто така рече дека седум земји од ЕУ решиле да сместат најмалку 1.600 деца кои се сами во камповите и се особено ранлива група.

Голем дел од мигрантите во камповите се Сиријци кои избегале од војната, но има и мигранти од Авганистан, Пакистан и западна Африка. За нив е неизвесно дали можат да аплицираат за статус на бегалец.