Турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Мехмет Турхан изјави денес во Белград дека се надева дека добрите односи меѓу Србија и Турција ќе бидат крунисани со посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија која е предвидена за мај следната година.
Турхан, по потпишувањето на комерцијален договор за проектирање и изградба на автопатот Белград-Сараево со министерката за транспорт Зорана Михајловиќ, рече дека следната година се навршуваат 140 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји и се надева дека за време на посетата на Ердоган на Србија ќе се одржи втората седница на Високиот совет за соработка.
Турхан потсети дека првата седница на ова тело се одржа во мај оваа година. Тој рече дека меѓу Србија и Турција постојат одлични односи и дека тие се сè подобри од ден во ден, и дека претседателите Александар Вучиќ и Таип Ердоган дале значаен придонес во зајакнувањето на односите меѓу двете земји. Министерот рече дека двајцата претседатели во текот на оваа година се сретнале пет пати.