Регион 16. декември 2020. / 18:32

Ердоган: Американските санкции за Турција поради купувањето на С-400 се осудени на пропаст

Ердоган: Американските санкции за Турција поради купувањето на С-400 се осудени на пропаст

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска оцени дека американските санкции воведени кон Турција заради купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400 имаат за цел да го запрат развојот на одбранбената индустрија на неговата земја.

Ердоган ова го соопшти во говорот на отворањето на автопат, каде кажа дека санкциите ќе ја зголемат решеноста на неговата влада да ја направи турската одбранбена индустрија посилна и понезависна.

Американските санкции, воведени во понеделникот, поради турското купување на рускиот ракетен систем С-400, се засноваат на американскиот „Закон за спротивставување на американските противници преку санкции“ (ЦААТСА), чија цел е да се потисне влијанието на Русија. Ова е првпат законот да се користи за казнување на американски сојузник.

Санкциите на САД против шефот на Дирекцијата за турска одбранбена индустрија, Исмаил Демир и тројца други официјални лица вклучуваат замрзнување на нивниот имот и забрана за нивно влегување во САД, како и забрана за повеќето извозни дозволи, заеми и одобрување кредити за Дирекцијата.

Вистинската цел на санкциите е да го блокира напредокот што неодмана го постигнавме во одбранбената индустрија и повторно да не направи строго зависни (од САД), рече Ердоган, додавајќи дека „ако не беше проблемот со С-400, ќе искористеа некој друг проблем“.

Ердоган додаде дека Турција сега „ќе работи двојно понапорно“ и ќе ги забрза проектите за да ја направи својата одбранбена индустрија независна.

САД претходно ја отфрлија можноста Анкара да ги купи најсовремените американски борбени авиони Ф-35, образложувајќи ја одлуката со тоа дека нивната употреба заедно со руската технологија во Турција ќе ја загрози безбедноста. Вашингтон, исто така, смета дека рускиот систем не е компатибилен со системите на НАТО.

Турција тврди дека руската технологија не претставува ризик за системите на НАТО.