Еден осомничен за убиството на новинарката Викторија Маринова е приведен од страна на бугарската полиција.
– Можеме да кажеме дека е приведен еден осомничен, пишуваат бугарските медиуми повикувајќи се на извор близок до истрагата.
Претставник на бугарското Министерство за внатрешни работи не сакал ниту да ја потврди ниту да ја демантира информацијата, наведувајќи дека министерството подоцна ќе објави соопштение.
Во исто време, Бугарското национално радио јави дека државјанин на Романија е уапсен во врска со тоа тешко злосторство.
Бугарската истражувачка новинарка Викторија Маринова (30) во саботата беше брутално претепана, силувана и задавена во Русе, северна Бугарија, а нејзиното тело беше пронајдено во паркот во близина на реката Дунав.
Маринова беше новинар и уредник на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрага за наводна корупција поврзана со фондовите на ЕУ.