Регион 28. февруари 2021. / 22:11

Една година Ковид-19 во Грција, толку време и Македонците не можат да патуваат кај јужниот сосед

Една година Ковид-19 во Грција, толку време и Македонците не можат да патуваат кај јужниот сосед

Една година откако беше утврден првиот случај на Кoвид-19 во Грција земјата досега помина 156 дена карантин, над 180.000 случаи и над 6.000 починати.

На 26 февруари 2020 година, шефот на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, Сотирис Циодрас, на вонредна прес конференција, го соопшти првиот регистриран случај на Ковид-19 во земјата.

За една година, Грција стигна до нешто помалку од 190.000 заразени и над 6.000 починати, помина низ два карантина, од кои вториот сѐ уште трае, а паралелно тече и операцијата „Слобода“, односно процесот на вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.

Дури 156 дена во текот на изминатата година Грците ги поминаа во „локдаун“. Првиот карантин траеше 42 дена, од 23 март до 4 мај 2020 година, а денеска е 114-от ден од вториот карантин.

Плоштадот Синтагма пред Парламентот за време на првиот карантин

Областа Атика, поширокиот регион на Атина, веќе четврти викенд е со продолжен полициски час што започнува од 18, наместо од 21 часот, но тоа не ги спречува граѓаните да ги користат претпладневните часови за прошетка во парковите или во делот околу морето, со оглед на тоа дека угостителските објекти веќе четири месеци се затворени.

Маска, смс порака или потврда и документ за лична идентификација веќе се секојдневие за граѓаните во Грција да излезат од дома, со оглед на тоа дека се неопходни за време на карантинот.

 

За прекршување на ограничувањата казната е 300 евра

Опциите што стојат на располагање се: посета на аптека или доктор; посета на продавница за прехранбени продукти; посета на банка, доколку не е можна електронска трансакција; движење за пружање помош на луѓе кои имаат потреба; одење на погреб, свадба, крштенка и сл. согласно условите предвидени со закон; физичка активност или прошетка на домашно милениче.

За оние кои работат за време на карантинот, како и за новинарите, потребна е специјална потврда, заедно со документ за лична идентификација. За прекршување на ограничувањата, предвидена е казна во висина од 300 евра, двојно повисока во споредба со првиот карантин.

Два месеца од почетокот на операцијата „Слобода“

Точно десет месеци по регистрираниот прв позитивен случај, односно на 26 декември, во Атина пристигна првата пратка од 9.750 дози од вакцината на „Фајзер/БиоНТек“, а ден подоцна започна процесот на имунизација, т.н. операцијата „Слобода“.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше меѓу првите политичари во Грција што ја прими вакцината на Фајзер

 

Грција сега на располагање ги има и вакцините на „Модерна“ и „АстраЗенека“, а граѓаните, поделени во категории, преку специјална платформа се регистрираат за вакцинација.

Процесот на имунизација започна со здравствените работници. Во тек е вакцинацијата на лицата над 75 годишна возраст, но и паралелниот процес со вакцината на „АстраЗенека“ за оние од 60 до 65 години. Според официјалните податоци, заклучно со вчера, биле спроведени 885.821 вакцинации, а со првата доза биле вакцинирани 572.174 лица.

Коронавирусот „ги затвори“ копнените граници, а Македонците веќе една година не можат да патуваат во Грција

Меѓу првите рестриктивни мерки што Грција ги воведе уште на почетокот на пандемијата беше и затворањето на копнените граници и воведување забрана за влез за државјани за трети земји.

Мерка која сѐ уште не е укината, со што македонските граѓани, речиси цела година немаат можност да патуваат во Грција, со оглед на тоа дека конкретната одлука континуирано се продолжува од минатиот март, а последната е во сила до следниот понеделник.

Засега нема информации, ниту најави кога би можело повторно да се отворат копнените граници за движење на туристите од регионот.

Во пресрет на летото и претстојната туристичка сезона, Грција, по предлог на премиерот Кирјакос Мицотакис, инсистира во рамките на Европската Унија да се усвои унифициран сертификат за вакцинација, кој нема да има карактеристики на пасош, односно нема да биде задолжителен, туку ќе носи олеснувања на патувањата на лицата кои се вакцинирани.