Регион 08. февруари 2021. / 18:20

Еди Рама најави заострување на рестриктивните мерки поради ширење на новите мутации на вирусот

Еди Рама најави заострување на рестриктивните мерки поради ширење на новите мутации на вирусот

По влошената епидемиолошка состојба со Ковид-19 во земјата, албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека се размислува за заострување на мерките.

Сепак, како што истакна Рама, за такво нешто ќе одлучува Комитетот на експерти за справување со пандемијата.

– Комитетот на експерти ќе одлучи. Разговараме за некои дополнителни мерки. Да не влијае на економијата, туку да има максимално влијание во спречување на ширењето на вирусот, изјави Рама.

Според него, правилата мора да се применат за да се избегне затворање и изолација како пред една година.

– Еден час помалку е еден час помалку контакти, два часа, три часа помалку. Тоа е опција и ние уште од минатиот викенд разговаравме што да правиме. Очекуваме од Комитетот на експерти. Ние ќе подготвиме кои други ограничувања можеме да ги направиме. Проучуваме некои други ограничувања, кои сметаме дека ќе имаат максимално влијание врз проширување на инфекцијата, додаде Рама.

Според него, постојат сознанија дека наглиот раст на новозаразени можно е да се последица на новите варијанти на Ковид кои, како што истакна, „по се изгледа влегле и во Албанија“ за што се чекаат резултати од лабораторија во Велика Британија.

– Она што се смета секаде како друг бран на инфекции и што беше забележано со бројки кои драматично се зголемија, сега се рефлектира и овде, кај нас, вели Рама.

Само во текот на минатата недела во земјата се регистрирани седум илјади новозаразени, а битката со вирусот ја изгубиле 80 пациенти.