Регион 14. јануари 2019. / 15:12

Ѕанакопулос: Имаме мнозинство во парламентот за ратификација на договорот од Преспа

Ѕанакопулос: Имаме мнозинство во парламентот за ратификација на договорот од Преспа

-Мојата процена е дека Владата ќе добие доверба и ќе може да продолжи да ја води земјата-рече владиниот портпарол и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија Алфа.

 

Говорејќи за одлуката на грчкиот премиер Алексис Ципрас да побара доверба од Парламентот, рече дека е „иницијатива со висока политичка симболика, но и голем политички ризик” и ги поставува пратениците и политичките сили пред историска одговорност.

Ѕанакопулос објасни дека гласањето доверба на Владата не треба да се поврзе со ратификацијата на Договорот од Преспа, бидејќи се две комплетно различни гласања, а едното не го одредува другото, но додаде дека и за двата процеса постои мнозинство во актуелниот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

-Моето мислење е врз основа на она како досега стојат работите и врз основа на изјавите на политичките сили, особено во однос на Договорот од Преспа, дека е обезбедено апсолутно мнозинство во актуелниот Парламент- рече Ѕанакопулос и објасни дека причината зошто премиерот бара доверба е за да се избегне неизвесност во Владата по повлекувањето на Панос Каменос.