Косовското прашање не може да се одвои од прашањето на Република Српска и БиХ, изјави денеска претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик и оцени дека косовската платформа за дијалогот за нормализација на односите на Приштина и Белград е список на желби на едната страна.
Додик за агенцијата „Срна“ кажа дека во Република Српска внимателно се следи што се случува во односите на Приштина и Белград, но и Приштина и Тирана, бидејќи Косово е сесрпско прашање, а не само прашање на официјален Белград.
– Ќе мора да видиме како меѓународната заедница ќе се однесува кон тоа прашање кое никако не може да се одвои од прашањето на Република Српска и Босна и Херцеговина. Зошто Косово би било случај „суи генерис“, како што западната меѓународна заедница сака тоа да го каже: По што е тоа единствен случај?. – праша Додик.
Тој праша и како е можно 500 километри од Република Српска да важат некои други меѓународни правила за истите или слични општествено политички околности.
– Тоа се прашања на кои ќе мора да се одговори. Или молчењето на меѓународната заедница на косовската платформа е сигнал и до Република Српска дека е доволно еднострано да состави список на убави желби и да ги фактурира во Сараево? – истакна Додик.
Тој кажа и дека Приштина ставила точка на преговорите со Белград со усвојувањето на платформата за дијалогот за сеопфатен и обврзувачки договор за нормализација на односите на Приштина и Белград.
– Нема да има решение за прашањето на јужната српска покраина сѐ додека во тоа решение не биде и Србија со своите историски, национални, политички и сите други интереси. Косовските Албанци со тој документ, односно со барањата во тој документ, ставија точка на какви било преговори и договори. – кажа Додик.