Регион 04. февруари 2020. / 10:07

Десетици приведени по мигрантски протести и судир со полицијата на Лезбос

Десетици приведени по мигрантски протести и судир со полицијата на Лезбос

По протестите на барателите на азил на грчкиот остров Лезбос, што траеја и во текот на ноќта и прераснаа во инциденти се приведени 40 луѓе. Во протестите учествувале околу 2.000 баратели на азил кои се заглавени на Лезбос. Тие се судрија со полицијата, која одговори со солзавец и шок бомби, а мигрантите предизвикаа пожар на неколку ниви.

Во текот на ноќта, група од околу 300 мигранти, на враќање од протестот, поминале низ селото Мориа за да стигнат до прифатниот центар, што било причина да реагира локалното население.

Жителите на островот, бараат засилено полициско обезбедување, барање кое според весникот „То вима“, наишло на позитивен одговор кај министерот за цивилна заштита на Грција и на Лезбос ќе бидат испратени две специјални полициски единици.

Министерот за миграција и азил, Нотис Митаракис, вчера изјави дека непријатните настани ја потврдуваат потребата за забрзување на процедурите за азил, враќање на оние кои немаат право на азил и работа на затворени и контролирани центри и додаде дека грчките власти ги зајакнуваат мерките за заштита и ја испитуваат можноста за поттикнување на такви реакции.