Регион 07. октомври 2018. / 20:53

Демографскиот проблем на Грција го успорува економското заздравување

Демографскиот проблем на Грција го успорува економското заздравување

Сè постарото население во Грција сериозно ги загрозува долгорочните шанси за раст на економијата во земјата, покажуваат официјалните податоци во екот на предупредувањата на истакнати економисти, објави Катимерини.

Во почетокот на финансиската криза во 2010 година, активното население во Грција – оние на возраст меѓу 20 и 64 години – изнесуваше 7,045 милиони луѓе. Денес тој број изнесува 6,8 милиони. Луѓето на возраст од 20 до 40 години сега сочинуваат 40 проценти од населението, споредено со 46 проценти во 2010 година.

А работите веројатно ќе се влошат, според Обединетите нации, кои предвидуваат дека до 2025 година процентот на активно население во Грција ќе се намали под 6,5 милиони, со само 2,3 милиони луѓе од групата од 20 до 40.

Покрај тоа, бројот на луѓето на возраст од 65 години и повеќе се очекува да порасне до 2,535 милиони до 2025 година од 2,1 милиони во 2010 и 2,237 милиони во 2015 година.

Меѓународните организации и истакнати економисти ја посочуваат грчката стапка на раѓање, која е во опаѓање, како сериозен проблем.

Во Грција, стапката на фертилитет – деца по двојка – изнесува 1,26 во споредба со 1,49 во Европската Унија. Според статистичката агенција на ЕУ Еуростат, Грција и Италија имаат трета најниска стапка на фертилитет во ЕУ, зад Германија и Португалија.

Во коментар за Катимерини, Зсолт Дарвас, виш економист во истражувачкиот центар „Брегел“, вели дека демографскиот проблем на Грција претставува многу реална закана за кревкото економско закрепнување на земјата. Смалувањето на населението неизбежно води кон намалување на економијата, инвестициите и растот, рече тој.

Продолжената економска криза во земјата резултираше со побрзо демографско забавување отколку што претходно се очекуваше, а предупредувањата се дека би можело да биде потребна цела една генерација за грчкото население да се стабилизира од влијанието на „економскиот шок“.