Илјадници мајки во земјите на екс Југославија се убедени дека бебињата им се одземени, прогласувани за мртви и продавани. Праксата била особено раширена во 1970 и 1980-те години – пишува ДВ.
Потрагата по вистината трае.
„Бирај!“- тоа е зборот на лекарот, во собата полна со новороденчиња на Гинеколошката клиника во Клиничкиот болнички центар „Звездара“ во Белград, кој во 1988 година го шокирал Марко Ивиќ. Тој веќе 40 години живее и работи во германскиот град Ландсхуте.
Никогаш не успеале да добијат дете со сопругата, и затоа сметале дека посвојувањето може да биде добро решение.
–Сакавме да посвоиме напуштено дете од сиропиталиште. Случајно запознав човек од Бугојно кој ми рече дека има решение за мене во Белград. Отпатувавме во Белград и наместо во сиропиталиште дојдовме во породилиште – раскажува Ивиќ за ДВ.
Откако облекол бел мантил кој му го дала медицинска сестра, со лекарот тргнале во обиколка на породилките, каде со допир на креветот требало да му даде знак на лекарот која од нив е најслична на неговата сопруга за да го посвои токму детето кое најмногу ќе личи на новите родители.
–Ме праша како изгледа мојата жена, а јас одговорив дека е бринета. Потоа ме одведе во бокс со бебиња и ми рече да изберам бебе. Буквално ми рече: „Бирај!“. Ми рече дека по дете се плаќа 10 илјади германски марки, а ако сакам близнаци- 15 илјади марки; и дека сите документи ќе ги среди како да родила мојата жена. Дури и ми рече да им споменам на моите германски пријатели, дека можат да добијат дете ако сакаат. Кога тоа го зборуваше, се претставуваше како голем хуманист, бидејќи тоа, наводно, се деца од сиромашни семејства или студентки кои не знаеле што да прават со нив. Знаев дека тоа не може да биде во ред. Реков дека ќе разговарам со мојата сопруга и си заминав – се присетува Марко Ивиќ.
Toj се вознемирил пред две години кога видел прилог на таа тема на една српска телевизија. Тоа била приказна за жените од Здружението на исчезнати бебиња на Србија. Молеле за вистината за своите исчезнати деца, се сомневале дека станале жртви на трговци со луѓе.
–Веднаш се јавив на бројот на екранот – вели Ивиќ.
Потоа, наскоро повторно отпатувал во Белград, но овој пат како сведок, со снимено видео сведоштво, но и со заверена, писмена изјава која ќе биде доказ на суд.
Неверојатното сведоштво на Марко Ивиќ сега е сламка надеж за стотици мајки кои се убедени дека нивните деца биле жртви на трговијата со луѓе.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи функционираат повеќе групи од овој тип во кој мајките од повеќе републики на поранешна Југославија се поврзуваат меѓусебни.
Приказните на овие мајки на многумина им се неверојатни. Но тие не се откажуваат. Нивните Фејсбук групи се се побројни. Се јавуваат жени од цела поранешна Југославија со слични искуства и докази. Но, колкав е бројот на мајки и татковци кои живеат со овој сомнеж никој не знае. Мајките се сомневаат дека децата им биле продавани во странство. Во Србија често одржуваат протести за да ја алармираат јавноста. Но, одговори нема.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.