Претседателот на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, ја обвини Бугарија за сторени „сериозни фашистички злосторства“. Тој исто така упати коментари до македонскиот премиер Зоран Заев околу интервјуто за Бгнес.
Во гостувањето на провладината ТВ Пинк, Ивица Дачиќ, праша „дали српската јавност воопшто е запознаена со намерите на Бугарија“.
Разговорот започна со извадок од интервјуто со Зоран Заев, во кое тој рече дека Бугарија е пријателска земја.
„Зоран Заев не е политички неписмен. Тој многу добро знае дека кажаното не е точно. Тој знае многу добро каде ги продавал своите земјоделски производи – во Србија и Југославија, секако не во Бугарија. Но, Бугарија му е потребна“, рече Дачиќ.
Дачиќ тогаш со иронија рече: „Ако мислат дека се Бугари, дека немаат свој јазик, тоа е нивна работа. Но, вие нема да ја прогласите бугарската окупација за администрација. Бугарската окупација беше дел од хитлеровската коалиција. Барем ние што живееме во јужна Србија многу добро знаеме колку беа сериозни бугарските злосторства. Тоа не беше администрација“.