Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас го повика премиерот Кирјакос Мицотакис на средбата со (турскиот претседател Реџеп Тајип) Ердоган да побара да запрат турските провокации, да се повлече неприфатливиот и правно непостоечки договор со Либија, да прекинат прекршувањата во ексклузивната економска зона на Кипар и со добра волја од двете страни да се почитува заедничката изјава ЕУ-Турција.
На состанокот на пратеничката група на неговата партија, Ципрас се осврна на денешната средба на грчкиот премиер со турскиот претседател.
Ципрас ја обвини Владата дека во изминатите пет месеци „се обидува да ги потцени турските провокации на Кипар, во Источниот Медитеран, но и во Егејското Море“, и дека почнала под тепих да ги кријат случувањата и тензијата.
– Целиот овој период Владата реши да ги крие овие провокации, да ги остава без одговор, да не ги активира санкциите против Турција – изјави поранешниот грчки премиер.
Ципрас, во говорот пред пратеничката група на СИРИЗА ја коментираше и претходната средба на Мицотакис и Ердоган на 25 септември на маргините на Генералното собранието на ОН во Њујорк, велејќи дека станал првиот грчки премиер во историјата што се сретнал со турски претседател во време на интензивни провокации и прекршувања и не го постави прашањето со провокациите во Егејското Море.
Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА го спомена и договорот на Турција со Либија велејќи дека грчката влада била целосно изненадена, неподготвена и без план.