Регион 28. октомври 2019. / 22:11

Бугарското МНР побара од рускиот амбасадор во Софија да го отповика дипломатот обвинет за шпионажа

Бугарското МНР побара од рускиот амбасадор во Софија да го отповика дипломатот обвинет за шпионажа

Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска соопшти дека побарало од рускиот амбасадор во Софија да го отповика дипломатот обвинет за шпионажа. Обвинителството соопшти дека за дипломатот примило информации од националната агенција за безбедност и дека истрагата „целосно ги потврдила обвиненијата“.

Наводно од септември 2018 година рускиот дипломат, прв секретар во амбасадата на Москва во Софија, имал редовни средби со Бугари, меѓу кои и еден висок функционер со пристап до доверливи информации за Бугарија, за ЕУ и за НАТО, и им понудил компензација во замена за информацијата.

Кривичната постапка против рускиот државјанин во Софија е прекината поради неговиот дипломатски имунитет, иако обвинителството имало доволно докази за обвинение.

Руското МНР се уште нема коментар за случувањето.

Претходно денеска во Полска е уапсено лице за кое постои сомнеж дека се занимавало со шпионажа во корист на Москва, изјави портпаролот на полската полициска специјална служба Станислав Зарин.