Бугарските власти одбиле да му издадат виза на руското воено аташе во Амбасадата на Русија во Софија, еден ден откако протераа друг руски дипломат, пренесува бугарската агенција Фокус, повикувајќи се на Министерството за надворешни работи на Бугарија. Дипломатот на кој му е одбиена визата се уште е во Москва.
Одлуката за неиздавање виза била донесена по препорака од неименувана институција со која е договорено именувањето, а која дала негативно мислење. Од министерството не објавија детали околу причините за одлуката, но нагласија дека тоа не значи оти рускиот дипомат ќе биде прогласен за персона нон грата.
Москва била информирана за таа одлука, информира бугарското МНР, но Русија се уште не се произнесла јавно за проблемот.
Во понеделникот беше објавено дека бугарските власти го протеруваат од земјата рускиот дипломат што го сомничеа за шпионажа. Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, потоа изјави дека Русија ќе возврати со контрамерки.
Софија го презеде невообичаениот чекор за протерување на неименуваниот дипломат на 29 октомври откако тој не го исполнил барањето за повлекување во Москва. Руската амбасада потврди дека го примила писменото протерување на 30 октомври и дека нејзиниот вработен ќе го испочитува 24-часовниот рок за заминување.
Ниту бугарското МНР, Канцеларијата на јавниот обвинител во Софија, ниту Руската амбасада не го открија името на осомничениот шпион. Случајот е првиот јавно познат пример на вработен во Руската амбасада кој е протеран од Бугарија од 2001 година.