Регион 01. февруари 2020. / 09:40

Бугарскиот цар на коцкањето уапсен во ОАЕ

Бугарскиот цар на коцкањето уапсен во ОАЕ

Газдата на бугарскиот великан Левски, Васил Божков бил уапсен синоќа во Обединетите Арапски Емирати, откако пред два дена избега од Бугарија, а според јавниот обвинител Божков е фатен на аеродромот заедно со уште две лица кои го придружувале, но имињата не се соопштени.

Како што изјави бугарскиот јавниот обвинител Иван Гешев, Бугарија го бара Божков поради лажирање игри на среќа, но засега информацијата е неофицијална.

– Во изминативе три дена силно работевме да го најдеме Божков, а вистината е дека тој е уапсен во Обединетите Арапски Емирати и задржан на територијата на ОАЕ: Имаме писмен документ дека е уапсен. Ако се сеќавам, Божков постојано велеше дека е тука на Балканот, ама излгеда не е добар со географијата Им благодариме на ОАЕ за тоа што го уапсија. Не знам колку ќе трае процедурата за екстрадиција. ОАЕ ја заврши работата што ја побара државата, обвинителството и бугарските служби за безбедност“, рече Иван Гешев од обвинителството.

Пред неколку денови Обвинителството во Софија покрена истрага против Божков во врска со лажирање игри на среќа, а тој е обвинет по седум точки за криминално дело.

Списанието „Впрост“ (Wprost) во 2008 година го прогласи бугарскиот олигарх и бизнисмен за најбогат Бугарин со богатство од 1,35 миијарди евра, но неофицијално се претпоставува дека неговата финансиска состојба изнесува над 6,5 милијарди евра. Божков е познат по прекарот „Череп“, а во внатрешната коресподенција на Стејт департментот е определен како „најозлогласениот криминалец во Бугарија“.

Во 1991 година Божков станува партнер во компанијата за игри на среќа Еј Џи Ем. Отвора казино во хотелот „Рила“ во Софија, а во 2007 година е сосопственик на казината во „Радисон САС“ и „Хемус“, како и на сали за бинго.

Во 2006 година тој го купува поранешниот Фонд за приватизација „Холдинг Патишта“. Главен акционер на „Холдинг Патишта“ е „АБВ Инженеринг“, кој, пак, е сопственост на „Нова интернал“, ќерка-компанија на „Нова холдинг“, сопственост на Божков. Преку „Нова холдинг“ Божков купува голем дел од регионалните државни фирми за изградба на патишта.