Регион 23. септември 2019. / 11:39

Бугарски лекари одат на задолжителни часови по карате за да се бранат од пациенти

Бугарски лекари одат на задолжителни часови по карате за да се бранат од пациенти

Поради се почестите напади од страна на незадоволни и нервозни пациенти врз медицински персонал, студентите на Медицинскиот факултет во Софија, соседна Бугарија започнале со обука за самоодбрана и заштита од напади.
Обуката била задолжителна во програмата на медицинските факултети од почетокот на оваа учебна година, со цел да можат да одговорат на се позголемената агресија која се случувала врз белите мантили во Бугарија. Истата вклучувала теорија и психологија на самоодбраната, како и пракса, односно се изучувале бојни спортови како карате и бокс.

Бугарските медиуми известуваат дека задолжителната обука за самоодбрана на медицинарите била воведена откако се случиле низа на немили настани, односно физички и вербални напади врз нив. Според статистиката, секој втор лекар во Бугарија бил изложен на агресија од страна на пациентите, а во 81 процент насилството било вербално. Со цел да се заштитат, голем број на лекари купувале и со себе секогаш на работа носеле спреј за самозаштита, а како што пишува бугарски ,,Телеграф” голем број на медицински сестри во ташните носеле и лут пипер за време на дежурствата.

Ако некој ме нападне, ќе му фрлам пипер во очите и ќе му предизвикам привремено слепило, таман да побегнам и побарам помош – раскажала медицинска сестра за познатиот медиум.