Bугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, за време на конференција во Софија посветена на Западен Балкан, порача дека почнувањето на преговорите за членство во ЕУ на Македонија и на Албанија не треба да се одложува поради францускиот предлог за нова методологија за преговорите за присоединување.
Како што истакна Захариева, станува збор за два процеса, што може да се одвиваат паралелно.
– Дел од реформите, предложени од Франција, се прифатливи за Бугарија, но тоа не значи дека давањето зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија треба да се одложи до усвојување на новата методологија. Двата процеса можат да продолжат истовремено – истакна Захариева.
Бугарската министерка изрази надеж дека во следните шест месеци Скопје и Тирана ќе добијат зелено светло за почеток на преговори со ЕУ.
– Понекогаш сум еден од најгласните министри за надворешни работи дека ЕУ не може да донесе одлука. За тоа не е виновна само Унијата. Голема одговорност имаат и земјите кандидатки – додава шефицата на бугарската дипломатија.
Захариева се осврна и на постигнатиот напредок во процесот на евроинтеграциите на шесте земји од Западен Балкан, потенцирајќи дека работите на Балканот никогаш не се црни или бели.
Според Захариева, на пример, од една страна постои договор за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, но од друга страна, тој не се исполнува со доволно добро темпо, особено во делот за историјата. Исто така, како што потенцира Захариева, има отворени многу преговарачки поглавја со Црна Гора, но постои и блокиран дијалог меѓу Белград и Приштина, а проблеми има и во БиХ, каде што е потребна една година да биде формирана влада, а истовремено има напредок во евроатлантските интеграции со усвојување план за акција и соработка со НАТО.