Бугарската влада доби зелено светло од Парламентот, за нејзиниот план да ги започне преговорите со САД за купување на осум нови борбени авиони Ф-16 кои би ги замениле застарените советски авиони МиГ-29 и би ја подобриле усогласеноста со НАТО стандардите.
За планот на владата на премиеро Бојко Борисов гласале околу 130 пратеници, додека 84 беа против, обвинувајќи ја владата за кршење на правилата за тендер.
Договорот за авионите Ф-16В Блок 70 на Локхид Мартин, ќе биде во вредност од околу 1,05 милијарди долари, што ќе биде најголема воена набавка на Бугарија од падот на комунизмот пред 30 години.
Другите конкуренти биле шведските авиони Грипен на компанијата Сааб и италијанските користени ловци Еурофајтер.
Министерот за одбрана, Красимир Каракачанов кој призна дека американската понуда го надминува буџетот за речиси 175 милиони долари, рече дека преговорите ќе траат околу четири месеци, а прв состанок би требало да се одржи во февруари во Брисел.
-Ни престојат бројни проблеми што треба да ги разјасниме – датумот на испорака, одржувањето… испорака на резервни делови. – рече Каракачанов, пренесе Ројтерс.
Прашањето за тоа кои воени авиони да се набават ги оптоварувало различните влади во Бугарија повеќе од деценија.
-Американската амбасада ја поздрави одлуката на бугарското Национално собрание да започне со преговорите за купување на Ф-16 Блок 70 воените авиони на компанијата Локхид Мартин. – се вели во соопштението на американската амбасада во Софија.
Планот за купување на американските Ф-16 предизвика жестоки политички дебати во Бугарија, при што поддржувачите го поздравија како добар стратешки избор за Бугарија, но многумина го критикуваа процесот, вклучувајќи го и претседателот Румен Радев, кој го опиша како „триумф на лобирање“.