Бугарија планира да стави крај на програмата за продажбата на државјанства на богати поединци, соопшти Министерството за правда во Бугарија, додавајќи дека тој систем не ја донел очекуваната финансиска корист.
-Податоците укажуваат дека не е постигната целта на зголемување на реалните странски инвестиции и економски развој. Не се отворени нови работни места и не е забележан економски раст, се наведува во соопштението на Министерството.
Оттаму наведуваат дека од 2013 година, околу 50 странци од Русија, Израел и Пакистан купиле бугарско државјанство.
Бугарија е една од трите членки на ЕУ, заедно со Кипар и Малта која продава државјанства за одредени инвестиции, како и права на престој.
Европската Комисија претходно предупреди дека ваквиот систем на продажба на државјанства создава услови за влез на банди од организираниот криминал во блокот и го зголемува ризикот од перење пари, корупција и затајување на данок.